„ПРЕКРАСНО ИЗДАНИЕ“, „ЕСТЕТСКИ БЕСПРЕКОРЕН“, ВЕЛАТ РЕЦЕНЗИИТЕ ЗА АЛБУМОТ „ЦРНА ЗЕМЈА“ НА КРСТЕ РОЏЕВСКИ

Скопје, (СМАРТСДК.МК)

„Црна Земја“ (Black Earth), новиот, шести, албум на Крсте Роџевски, добива одлични рецензии од светската музичка критика. Албумот содржи 11 македонски народни песни кои Роџевски ги памети од семејните веселби во својот роден град Битола. Во сржта на овие песни се ритми од различни култури и земји кои го дефинираат албумот како филтрат на трансгенерациски пренос на издржливост, траума, љубов и наивност.

Реномираниот „Вајар“ (Wire) за „Црна земја“ вели дека е „прекрасно издание“. Е-магазинот „Мик“ го споредува Роџевски со легендариот Тим Бакли по „сензибилитетот, меланхолијата и чувственоста“ и вели дека во албумот тој ги покажува „своите инвентивни и чудесни способности за пишување песни“.

„Во својот шести албум, Крсте Роџевски им пркоси на стилските ограничувања и се појавува не како џез пејач, фолк кантавтор или поп ѕвезда, туку како уметник посветен на највисокиот уметнички принцип: слободното изразување на популизмот и едноставноста. Toа го одликува значајно“, вели „Мик“.

Музичкиот портал „Дискориксејон“ вели дека „Црна Земја“ е „естетски беспрекорен“ и оти „се издвојува по единството, волшебната оригиналност и карактеристичните звучни квалитети што го издвојуваат од сличните дела на нашето време или дури и порано“.

Покрај Роџевски, кој е вокал и свири гитара и тамбура, на албумот гостуваат четворица американски музичари: Доминик Џејмс (гитара), Џош Вернер (бас гитара), Бил Ласвел (бас гитара) и Адам Рудолф (синтир, перкусии). Ласвел е продуцент на албумот, кој е објавен под етикетата на грчката дискографска куќа „Дефказ рекордс“.
Албумот во септември беше промовиран во Скопје, а имаше и концертна промоција во Солун. Планирани се настапи во Сенегал и Конго во Африка, во Шангај, Кина како и на европски фестивали во текот на следната година.

Роџевски е гитарист, пејач и кантавтор кој живее и работи како психијатар во Њујорк. Првиот албум „Батанија“ го објави во 2015, а неговиот трет албум „Зајакот и паднатиот јавор“ се најде на листата на најдобри албумски остварувања за 2018 на влијателниот џез магазин „Даунбит”. „Црна Земја“ е неговото шесто студиско издание за период од осум години.

 

(Фото: СДК.МК – Од промоцијата на „Црна Земја“ во Скопје)