Во просториите на Волскиот центар за култура во Варшава се одржа настан по повод формирањето на Здружението за промоција на македонската култура во Полска. На настанот беа презентирани целите и структурата на здружението од страна на неговиот претседател Горан Шутиновски.
Програмата продолжи со проекција на краткометражните филмови, „Долу од рајот“ на Саша Станишиќ и „Ќе му се јавам на татко ти“ на Леонид Ристов. Со музичка точка настапи Ансамблот за песни и танци при Економскиот универзитет во Варшава, кој изведе неколку полски народни песни, како и македонската песна „Македонско девојче“.
Во изложбениот простор на културниот центар имаше поставка на урбани фотографии од Скопје и Варшава на Даниел Анастасов, а беа изложени и македонски орнаменти од приватните колекции на некои од членовите на здружението.