ВЕЛЕШКИОТ ЦРВЕН КРСТ ДОДЕЛИ ПРИЗНАНИЈА ЗА ВОЛОНТЕРСТВО, ЛЕКАРИТЕ ФИЛИП ТОДОРОВСКИ И ВЛАДО ХАЏИ НАУМОВ НАГРАДЕНИ ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Одбележувајќи го 5 декември, Меѓународен ден на волонтерите, Општинска организација на Црвен крст од Велес им додели признанија на оние кои несебично се вложиле за помош на други граѓани. Низ оваа организација поминале многу волонтери, но има и такви кои со години, па и над четири децении континуирано придонесуваат.

Признание за животно дело добија д-р Филип Тодоровски и д-р Владо Хаџи Наумов, а благодарница, која од оваа година го носи името на Ангел Киров, за најволонтер во 2023, со точно 207 волонтерски часови, му беше доделена на Никола Мацис.

„Да се биде волонтер е највозвишената работа на светот. Да се подаде рака таму каде што е најпотребно, да им се помогне на лицата во ризик. Тие ги пропагираат најхуманите вредности и сето тоа без да се бара нешто за возврат. Доволно е сознанието дека со вашата активност некому сте помогнале. Таа човечка особина ја имаат само најголемите луѓе“, рече д-р Кевица Шопова-Клифова, претседателката на ОО Црвен крст Велес.

Ученичките од Хемиското училиште кои годинава победија на државниот натпревар во прва помош (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Таа напомна дека велешките волонтери годинава извршиле 103 теренски активности и одработиле 2.245 волонтерски часови.

Признанија добија и девојките од Хемиското училиште кои годинава победија на државниот натпревар во прва помош. Бојана Воденичарова, Ива Гргиќ, Марија Нечева, Теа Славеска и Верица Мишкова беа најдобри во конкуренција на 400 учесници.

Општинската организација на Црвен крст од Велес била основана во 1945, иако има сознанија дека работела и претходно, од 1936. Црвениот крст на Кралството Југославија тогаш му доделил благодарница на велешкиот учител Новак Ѓурков(иќ) за неговите заслуги во Црвениот крст, за што се чува и документ.

П. ПЕЧКОВ