Легендарниот гитарист на „Ролинг стоунс“, Кит Ричардс, прослави 40 години брак на денот кога наполни 80 години, при што на Инстаграм објави фотографија од моментот кога со сопругата Пети Хансен ја сечат свадбената торта.
„За Патриша, среќна 40-годишнината! Те сака Кит“, напиша Ричардс под фотографијата.
Ричардс и 67-годишната актерка и манекенка се заедно од 1979. Првпат се запознале во легендарниот ноќен клуб „Студио 54“ кога Хансен го славела 23. роденден, а врската ја почнале девет месеци подоцна, откако Мик Џегер ја поканил на роденденската забава на неговата тогашна девојка Џери Хол.
„Кит постојано ми правеше музички компилации со прекрасни цртежи како омоти. Тоа беше неговиот метод на комуникација. Ги имам илјадници. Сѐ чувам во кутии. Тој исто така ми правеше фотографски колажи, со пораки напишани со крв. Многу ја сака црвената боја“, изјави Хансен во едно интервју од 2011.
Ричардс и Хансен се родители на две ќерки, а тој доби и три деца со манекенката Анита Паленберг, од кои едно починало ненадејно кога имало само два месеца.