СЕЛИН ДИОН НЕМА КОНТРОЛА ВРЗ МУСКУЛИТЕ ПОРАДИ РЕТКАТА БОЛЕСТ, КАЖА НЕЈЗИНАТА СЕСТРА

Канада, (Гардијан)

Селин Дион нема контрола врз сопствените мускули, откри нејзината сестра, додека славната канадска пејачка живее со ретко невролошко заболување наречено синдром на вкочанетост. Клодет Дион кажа дека 55-годишната Селин напорно работи за да се избори со болеста, но неизвесно е дали ќе може да продолжи со музичката кариера.

Во нашите и во нејзините сништа постои идеја за враќање на сцената. Но, во каква состојба? Тоа не знаеме“, изјави Клодет Дион.

Пејачката некое време страдала од неконтролирани грчеви во мускулите, што станале толку сериозни и редовни што таа во јануари 2022 ги откажа сите концерти. Во декември истата година објави дека ѝ е дијагностицирано ретко невролошко нарушување, поради што подоцна ја прекина музичката кариера.

Веќе подолг период се соочувам со здравствени проблеми и навистина ми беше тешко да ги прифатам овие предизвици и отворено да разговарам низ што поминувам. Неодамна ми беше дијагностицирано ова нарушување, кое се јавува кај еден човек во милион. За жал, овие грчеви влијаат на моето секојдневие. Ми прават проблеми при движење и не ми дозволуваат да ги користам гласните жици како што сум навикната“, изјави Дион тогаш.

Овој синдром првпат бил откриен во 1956 година и за него нема лек, но може да се третира.

(Фото: АП)