Ламбе Алабаковски ја промовираше новата верзија на „Дејгиди луди млади години“, народната песна која оригинално ја испеа Александар Сариевски. Поп-пејачот вели дека 12 години чекал да излезе оваа преработка, која ја снимил уште пред да замине да живее во Америка, од каде што се врати пред две години.
„Песната ја снимивме пред 12 години кај Дарко Димитров, заедно со Николче Мицевски и Димитар Андоновски. Се сеќавам, беше една преубава вечер, до доцна останавме и музициравме во студио. Ова инаку е една од моите омилени песни на кои се сеќавам од детството. Затоа ми е особена чест и одговорност да ја претставам на публиката. Секогаш треба да ја негуваме традицијата и нашите народни песни да ги држиме во живот, а тоа се прави само со работа особено со вакви професионалци“, ни изјави Алабаковски.
Тој на денешната промоција порача да слушаме македонска музика и најави уште проекти и музика за сечиј вкус.
Речиси целиот тим кој работел на песната е од некогашиот музички проект „М2, потрага по ѕвезда“. Новиот аранжман е на Дарко Димитров, продуцентот кој работеше со младите таленти кои се натпреваруваа во ова шоу. Виолините ги отсвире Димитар Андоновски, кој како пејач започна со „М2“, како и Нина Јанева, која ги пее придружните вокали. Никола Мицевски свири хармоника во песната. Спотот го снимаше „Зага продукција“ во Националниот парк Галичица и во Охрид.
М. ЏАРОВСКА
Фото: Ѓ. ЛИЧОВСКИ