Реприза на шоуто „Глумците пеат“, кое се одржа во април во Скопје, ќе се случи во Маврово на 5 јануари од 21 часот. На мавровскиот концерт во „Ле Гранд арена“ ќе пеат дел од актерите кои настапија во Скопје: Весна Петрушевска, Тања Кочовска, Гордана Ендровска, Арна Шијак, Рубенс Муратовски, Дритон Вејсели, Маја Андоновска-Илијевски, Нина Дејан, Тина Трпкова, Горан Трифуновски и други. Ќе ги придружува Биг бендот на Љупчо Мирковски.
Маја Бабиќ вели дека веќе е подготвено сценариото за следното шоу „Глумците пеат“, кое ќе се одржи во март во Скопје.
„Деталите ќе ги објавиме по мавровскиот концерт. Драго ми е што успеавме да ги договориме глумците и Биг бендот да настапат во нашиот познат зимски центар“, вели Бабиќ, ќерката на актерот Марин Бабиќ, кој го создаде ова шоу.
„Манифестацијата остана како наследство од Марин, но и тој додека беше жив велеше дека ова шоу не е негово и не е за него, туку е за глумците, а најмногу за промовирање на младите актери“, додаде Бабиќ.
Ќерките на Бабиќ, Маја и Ира, во негова чест ги вратија „Глумците“ на сцена по 17 години пауза. Марин Бабиќ почина на 16 октомври минатата година по кусо боледување.
М. ЏАРОВСКА
Фото: О. АЦЕВСКИ