ГО ЦРТАМ ТОШЕ НА КАМЕН, ПАРИТЕ ОД ПРОДАЖНАТА ИЗЛОЖБА ЌЕ ГИ ДОНИРАМ ЗА БОЛНО ДЕТЕ, ВЕЛИ ФРИЗЕРКАТА ОД КРИВОГАШТАНИ СВЕТЛАНА ЗУЛАМОСКА-ГРОЗДАНОВСКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Фризерката Светлана Зуламоска-Гроздановска од Кривогаштани изработи 12 цртежи од Тоше Проески на камен. Делата со акрилни бои се изложени во Спомен-куќата „Тодор Проески“ во Крушево и на 25 јануари, на денот кога е роден Тоше, ќе се одржи хуманитарна изложба.

Колекцијата се вика „Срцето не е камен“ (Срце није камен), според песната на Тоше Проески, а цртежите со почетна цена од 2.500 до 13.000 денари се продаваат онлајн со наддавање. Парите од продажбата ќе се подарат за тригодишниот Војдан Спасовски, кој боледува од церебрална парализа.

Светлана е инаку позната по тоа што изработува портрети на познати личности од коса во нејзиниот фризерски салон во Кривогаштани. Таа е самоук уметник, а по професија е сообраќаен техничар, но никогаш не работела во струка.

Цртежите се изложени во Спомен-куќата во Крушево (Фото: Приватна архива)

„Отсекогаш ме привлекувало она што е уникатно, особено цртежите на камен и на дрво. Имав една нарачка од пријател кој сакаше нешто да му нацртам на камен. Долго време цртам и никогаш не сум имала своја изложба, а отсекогаш сум сакала. Тоше е нешто што секој би сакал да го види. Нацртав една слика, а потоа кај мене дојде една жена, која е водич во музејот. Ѝ ја покажав сликата, ѝ се допадна, се договоривме да ја покаже на директорката на Спомен-куќата и така се договоривме да изработам повеќе и да се одржи изложбата“, вели Гроздановска.

Каменот го набавува од селата Бирино и од Мариово, од стари, распаднати куќи. Освен портретите на Тоше, таа слика и други мотиви на камен, кои се најчесто од природата.

„На 25 јануари ќе се одржи изложбата во Спомен-куќата, но целта на сето ова е да се направи како што правеше Тоше. Сакаме да помогнеме на некого на кого му е потребно, а потребно е на многумина. Откако отворив на страницата за донации, ми падна во очи едно болно детенце, Војдан Спасовски, кој секој месец оди на терапии во Загреб. Докторите гледаат напредок кај него, но детето мора да продолжи со терапиите, кои не се евтини. Ако успееме да продадеме, а се надеваме на тоа, ќе му помогнете на тоа дете“, вели Светлана Зуламоска-Гроздановска.

Ако успее да ги продаде сликите, таа вели дека ќе продолжи да црта и да му помага на истото дете. Вели дека како мајка на 26-годишен син и ќерка од 21 година сега е послободна и по завршувањето на обврските во фризерскиот салон, може повеќе да се посвети на цртањето.

Портрет на Тина Тарнер е еден од оние кои Светлана Зуламовска-Гроздановска ги има изработено од коса (Фото: Фејсбук)

Кога ја посетивме во Кривогаштани, токму поради зафатеноста со цртањето на камен, на подот од фризерскиот салон немаше изложено портрет од коса по кои таа стана позната.

„Почнав да правам ликови од коса пред пет години и досега имам направено околу 50 портрети. Ги направив Игор Џамбазов, Лила Филиповска, Кире Лазаров, Мајкл Џексон и многу други, а првиот портрет кој го направив е на Новак Ѓоковиќ. Уживам, сето тоа го правам од ќеф. Тоа се портрети од околу два метра кои стојат на почетокот од салонот, а ги правам од косата од муштериите. Кога ќе влезат муштерии, некои на почетокот не можат да ги препознаат ликовите, а јас им велам да погодуваат. Понекогаш, ги оставам да стојат и по 2-3 дена. Многу би сакала да имам и изложба со цртежите од коса, но за тоа треба да се најде соодветен простор“, вели Светлана Зуламоска-Гроздановска, која изработува и слики од коса, кои се изложени во фризерскиот салон.

М. ЏАРОВСКА