ПОЗНАТИ ОПЕРСКИ АРИИ СЕ ПЕЕЈА НА ТРАДИЦИОНАЛНИОТ ВАСИЛИЧАРСКИ КОНЦЕРТ ВО ОПЕРАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Трета година по ред, на традиционалниот Василичарски концерт во Операта, се пееја познати оперски арии.

Концертот почна со полонеза од операта „Евгениј Онегин“ од Чајковски, на која настапи балетот при Националната опера и балет. Вокалниот дел го отвори Наде Талевска со арија од операта „Грофица Марица“ од Калман. Настапот на секој од солистите, публиката го испрати со аплауз, најмногу поради добриот избор на ариите. Секоја беше вокално точно прилагодена за секој солист.

Концертот го отвори Наде Талевска (Фото: К Попов)

Настапија: Весна Ѓиновска-Илкова, Сандра Митровска, Благица Поп-Томова, Наде Талевска, Николина Јаневска, Биљана Јосифов, Александар Стефаноски, Марјан Јованоски, Ристе Велков, Игор Дурловски и Владимир Саздовски кои го испејаа и дуетот Дон Џовани и Лепорело од операта „Дон Џовани“. Весна Ѓиновска- Илкова доби задача да ја испее и популарната „Гранада“ од Фучито, и доби голем аплауз, како и на сите нејзини настапи.

Ѓиновска- Илкова испеа и дует со Сандра Митровска од операта „Норма“ од Белини. Се пееја познати арии од Чајковски, Росини, Моцарт, Бизе и други славни композитори.

Николина Јаневска (Фото: К. Попов)

Режисер на концертот е Дејан Прошев, концерт мајстор Јане Бакевски, хор мајстори Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска а кореограф е Саша Ефтимова. На концертот диригираше гостинот од Канада, Клод Лаплам. Настанот заврши со настап на хорот на Операта кој испеа сцена од хорот на циганите од операта „Трубадур“. Вториот Василичарски концерт ќе се одржи вечерва (13 јануари) од 20 часот во Операта.

М. ЏАРОВСКА