КИНЕСКАТА ПУБЛИКА НИ БАРА АВТОГРАМИ, ВЕЛИ ТЕНОРОТ НИКОЛА СТОЈЧЕСКИ

Скопје, (СМАРТ. СДК.МК)

По двомесечен престој во Кина, тенорот Никола Стојчески на крајот на 2023 се врати во Скопје, каде што периодов се подготвува за следното оперско гостување во Франција.

Стојчески, кој е вработен во Националната опера и балет (НОБ) и има 20-годишна кариeра, вели дека оперските почетоци му се од најрана возраст, вежбајќи ја познатата наполитанска песна „О соле мио“ заедно со неговата баба Бруна, која била љубителка на оперското пеење.

Во 2000 се запишал во Средното музичко училиште во Битола, отсек соло пеење, во класата на проф. Пеце Митревски. Во 2005 продолжил на Факултетот за музичка уметност, отсек соло пеење, во класата на проф. Билјана Јакимовска, а во 2009 дипломирал со оценка сum laude. Во Операта учествува од почетокот на студиите, а официјално се вработил во 2013.

 

Во Кина настапил на покана од Министерството за култура и туризам, каде што учествувал на интернационалниот фестивал „Патот на свилата“. (Фото: Приватна архива)

 

Покрај НОБ, досега има настапувано во многу држави низ Европа, како Србија, Грција, Словенија, Италија, Франција, Белгија, Луксембург и Германија, како на класични фестивали, така и во националните оперски куќи.

„Оперската куќа во Лил, Франција, последните 10 години настојува да имаме минимум две продукции годишно со најмалку пет последователни претстави. Истото е и со Оперската куќа во Дижон, која настојува да имаме соработка интензивно последните четири години. Последното мое гостување беше во Шијан во Кина, по враќањето на крајот на октомври успеав на два часа да си го видам семејството, а потоа продолжив за Дижон, сѐ до средината на декември“, ни рече Стојчески.

Во Кина настапил на покана од министерството за култура и туризам, каде што учествувал на интернационалниот фестивал „Патот на свилата“ (Silk Road) и одржал четири концерти.
„Учествував на отворањето на фестивалот и морам да признам дека отворањето беше на завидно и светско ниво. Уметниците поминуваа по црвен тепих, каде што публиката имаше можност да нѐ запознае одблизу и делевме автограми и потписи“, вели Стојчески.

Покрај НОБ, досега има настапувано во Србија, Грција, Словенија, Италија, Франција, Белгија, Луксембург, Германија. (Фото: Приватна архива)

Во Кина бил претставен со највисоки пофалби.

„Неговиот моќен и емотивен глас без напор се движи низ деликатните нијанси и високите врвови на овие тешки улоги, оставајќи ја публиката маѓепсана“, стоеше во еден осврт.

Следно гостување му е во Лил со „Тристан и Изолда“, во улогата на Мелот, во периодот од 19 февруари до 28 март.

Го прашавме да сподели со нас некоја анегдота од гостувањата и вели дека на еден концерт на 1 април посветен на денот на шегата, на кој требало да настапи со познатата оперска арија „Ah! mes amis“, имал блокада, го заборавил текстот и не почнал да пее.

„Диригентот се збуни, јас само му се насмевнав, а публиката беше пријатно изненадена. Диригентот почна одново и ми го поткажа текстот кој гласи ‘Ah! mes amis’ и така на крај излезе како првоаприлска шега. Публиката не знаеше дека јас вистински го заборавив текстот“, низ смеа рече Стојчески.

Б. НЕСТОРОСКА