СО ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ЈА ОЖИВЕАВ ДЕМО СНИМКАТА ОД ТОШЕ ПРОЕСКИ СТАРА 20 ГОДИНИ, ВЕЛИ ДИЏЕЈ ЕРИК ФОКС

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Речиси дваесет години откако била снимена како демо, песната „Велат дека времето лечи сѐ“ (Кажу да време лечи све) од Тоше Проески беше промовирана вчера, на 25 јануари, денот кога требаше да наполни 43 години.

Радиоводителот, диџеј и продуцент Ерик Фокс од радиото „Антена 5“ вели дека од 2004 чекал да се појави понапредна технологија, кога демо снимката ќе може да се извади од неговиот стар компјутер, да се преаранжира и да се промовира.

„Со Тоше интензивно се дружевме последните 5-6 години пред да загине. Оваа песна е една од трите чиј автор е Зоран Ѓорѓевиќ, а двете кои Тоше веќе ги има снимено се ‘Ледена’ и ‘Нај нај‘. Александар Трајановски од Скопје ги донесе тие песни од српскиот автор, Тоше ги бендиса и ги сними трите, но последната остана. Паметам дека ја снимавме прво кај мене дома, но снимката беше неквалитетна затоа што јас немав добар микрофон. Потоа ја снимивме во станот на Тоше, само што беше вселен таму. Немаше многу мебел, беше нарачан, го чекаше да стаса. Имаше само кревет, маса и столче, клавијатури и опрема за снимање. Знам дека лежев на земја додека Тоше ги пееше вокалите и многу се смеевме. Потоа нашите дружби продолжија и во куќата во Злокуќани“, се сеќава Кирил Зарлинов, познат под прекарот Ерик Фокс.

Песната е снимена во септември 2004, а истото лето, тој и Тоше биле заедно на одмор во Грција. Продуцентот вели дека тоа лето нема никогаш да го заборави.

„Ги сакав душата на Тоше и неговата скромност. Не сакаше да спие во хотел, туку во истите апартмани каде што имав резервирано јас. Претходно ме замоли да најдам неке мирно место каде што нема многу луѓе. Најдов сместување на самата плажа во местото Фурка на Халкидики и паметам дека до три часот ноќе со Тоше гледавме филмови на ДВД. Ако се случеше да го побарам, а тој да не ми одговори на повикот три дена, ми се извинуваше потоа“, вели Ерик Фокс.

Тоше и Ерик Фокс почнале да се дружат кога Тоше гостувал во радиото „Антена 5“

Ерик Фокс е среќен што со помош на вештачката интелегенција се извадени вокалот на Тоше и пијаното, за да се направи студиска снимка. Автор на музиката и текстот е Зоран Ѓорѓевиќ, а аранжманот и продукцијата се на Зарлинов. Миксот и мастерингот ги направи Костадин Камчев од студиото „Моцарт” од Њу Џерси.

„Благодарен сум ѝ на целата екипа која несебично помогна во реализацијата на песната: Давор Јордановски, Дарко Тасев, Иле Спасев, Јован Јованов и Александар Тасиќ од Лесковац. Посебна благодарност до Александар Трајковски што ја донесе песната во Македонија и му ја понуди на Тоше”, изјави продуцентот.

Спотот го снимаше „Студио 351“ од Кавадарци. Пред да ја објави песната, Ерик Фокс побарал дозвола од семејството Проески, кое го поддржало во идејата. Продуцентот вели дека има уште неколку необјавени песни од Тоше, останати во неговиот компјутер. Вокалите тој ги снимал пеејќи ја само мелодијата, без текст.

М. ЏАРОВСКА