АРХЕОЛОЗИТЕ ОТКРИЈА РИМСКА ТРИУМФАЛНА ПОРТА ОД 3. ВЕК КАЈ БЕЛГРАД, ЕДНА ОД РЕТКИТЕ ВО РЕГИОНОТ

Белград, (Ројтерс)

Пркосејќи им на студот и ветерот, археолозите во Србија го истражуваат местото на древна римска триумфална порта, една од само неколкуте на Балканот, која датира од третиот век. Таа беше откриена во декември на локалитетот Виминациум, римски град близу Костолац, 70 километри источно од Белград.

Главниот археолог Миомир Кораќ вели дека таа била откриена при ископувањата на главната улица во Виминациум, кој бил главен град на римската покраина Мезија.

Ова е прва пронајдена триумфална порта во оваа област. Потекнува од првите децении на третиот век“, изјави Кораќ.

Виминациум бил развиен римски град со 45.000 жители кој имал хиподром, утврди, форум, палата, храмови, амфитеатар, аквадукти, бањи и работилници. Постоел меѓу првиот и шестиот век.

Кога најдовме квадратни отпечатоци од темели направени од масивни парчиња варовник немаше сомнеж дека ова бил триумфален лак“, кажа Кораќ.

Фрагмент од мермерна плоча содржи букви кои сугерираат дека портата била посветена на царот Марко Аврелиј, кој владеел од 198 до 217 година.

Се надеваме дека ќе најдеме уште парчиња. Најдовме еден фино изработен столб, греди, но би сакале да дознаеме повеќе од натписот на лакот“, кажа археологот Младен Јовичиќ.

Ископувањата во Виминациум почнале во 1882, но археолозите проценуваат дека досега биле испитани само 5% од локалитетот, кој се простира на 450 хектари и невообичаено е што не е закопан под модерен град. Тука се пронајдени дрвен римски брод, монети, скулптури од жад, мозаици, верски предмети, фрески, оружја и фосили од три мамути.