ИВАН ЈЕРЧИЌ ЈА ИСТРИЖИ КОСАТА ЗА УЛОГАТА ВО „ХАМЛЕТ – ДЕНОТ НА УБИСТВАТА“, НОВАТА ПРЕМИЕРА НА БИТОЛСКИОТ ТЕАТАР

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Актерот и директор на Народниот театар во Битола, Иван Јерчиќ, го промени својот личен изглед за улогата на Клаудиј во новата премиера на театарот, „Хамлет – денот на убиствата“. Ја истрижи косата и пушти мустаќи.

На денешната прес-конференција во пресрет на премиерата на 2 март од 20 часот, тој изјави дека Хамлет кој тие го изградиле во претставата кореспондира со сегашноста, зашто, во спротивно, театарот би бил мртва буква на хартија или музејски експонат.

Театарската екипа се пофали дека претставата ја спремале во пријатна атмосфера, како да се семејство, за што режисерот и автор на музиката Марјан Неќак изјави дека е позитивен вирус на Народниот театар кој треба да се шири и во другите театри на Балканот и пошироко. Неќак во последните години работеше на театарски проекти во Словенија, Хрватства и Австрија.

„Навистина работевме во едни семејни односи и услови, креативно до бескрај, не се сеќавам на некоја проба која беше без резултат. Таму каде што најчесто работам, во Словенија, Хрватска, Австрија, дисциплината ги прави актерите професионални. Но, односите не се секогаш топли и пријателски. Овде се случи тоа и тоа е белег на Битолскиот театар, каде што и јас израснав“, рече Неќак.

Во однос на претставата и Хамлетовото прашање „Да се биде или не“, Неќак рече дека за него, одговорот лежи во тоа да се биде и остане човек денес.

„Мислам дека едно од најтешките прашања е како да се биде човек, да се има морал, да се зборува вистината, да не се каже нешто кога треба да се почека, а не само да се лае. Живееме во свет во кој многу лаеме, а многу малку правиме. Овој Хамлет го покажува токму тоа. Неговиот моралитет за мене е најважен“, рече Неќак.

Во претставата играат и искусните и докажани актерки Валентина Грамосли и Викторија Степановска-Јанкуловска и младиот Никола Стефанов, за кого беше кажано дека македонската публика допрва ќе слуша за неговите театарски успеси.

Претставата е работена според пиесата на Бернар-Мари Колтес, драматург е Оливера Павловиќ, сценограф Валентин Светозарев, а костимограф Андреј Ѓоргиевски. Користен е и консултант за билјард, зашто како реквизит на сцената се користи билјард маса.

Ж. ЗДРАВКОВСКА