ПРОМОЦИЈА НА КНИГАТА „КОСТИМОТ ВО МАКЕДОНИЈА ОД ПОЈАВАТА НА ФОТОГРАФИЈАТА ДО ДЕНЕС“ ОД ЗОРКА ТОДОРОВА-МЛАДЕНОВИЌ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Утре (5 март) од 18:30 часот, во Музејот на македонската борба ќе се одржи промоција на книгата „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова-Младеновиќ, во издание на издавачката куќа „Арс Ламина“.

Промотор на книгата ќе биде универзитетската професорка и модна дизајнерка Лидија Георгиева, заедно со уредничката на изданието Бисера Бендевска како модератор и авторката Зорка Тодорова-Младеновиќ.

Фотомонографијата „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ ги сублимира сознанијата и знаењата што авторката ги добила низ стручната наобразба во областа на костимографијата и модниот дизајн, но и од работните искуства, пред сè, како филмски и музејски костимограф. Во книгата има цитати од романот „Крпен живот“ на Стале Попов, во кој детално се опишуваат постапките на креирање облека во домаќинството, а вклучени се и сведоштва на историски личности од почетокот на 20. век во Македонија. Во книгата има и доста фотографии од приватната архива на авторката и од други извори.