„Џез лектира“ е насловен концертот на Националниот џез оркестар на 16 март (20 часот) во Македонскиот народен театар (МНТ). Од Оркестарот велат дека на концертот ќе се осврнат на дел од творештвото на биг бендот на Каунт Бејси и на соработката со современата американска џез пејачка и пијанистка Дајан Шур, меѓу другото, добитничка на Греми награда за најдобра џез пејачка во 1986 и 1987. Специјална гостинка на концертот е Марија Димитријевиќ.
„И покрај тоа што во светот активно работи голем број квалитетни биг бендови, кога станува збор за ваква музика, никако не може да се изостави биг бенд ерата, позната и како ера на свингот. Оваа ера претставува значаен период во музичката историја, во кој популарната музика во САД доживува трансформација. Таа го достигна својот врв од 1930-тите до средината на 1940-тите“, велат од НЏЗ.
Во тој период се истакнува една група музичари кои како лидери на своите биг бендови прават вистинска револуција во џез музиката, како Дјук Елингтон, Бени Гудман, Глен Милер и Каунт Бејси.
Вилијам Џејмс, кој се прослави како Каунт Бејси, е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 го формирал оркестарот „Каунт Бејси“ и го водел скоро 50 години.
Билетите можат да се набават на веб-страната на МНТ или на билетарницата на МНТ.
Фото: К. Попов