Поп-пејачката Бојана Скендеровски вели дека од прво слушање на демо снимката веднаш се пронашла во песната „Лажни светови“, која ја промовираше сношти. Автор на песната е нејзиниот колега Александар Тарабунов-Тара.
„Тара е многу талентиран, тој е наследник на големиот пејач Ванчо Тарабунов. Кога патувавме на заедничка турнеја, постојано пееше: народно, модерна поп-музика, евергрини, сѐ може да испее. Така се договоривме да ми напише песна. Она што го побарав од него е да обрне внимание на музиката, да има мелодија и песната да биде отсвирена во живо, со инструменти. Во денешно време на компјутерска музика ни недостасуваат песни со мелодија отсвирени во живо“, рече Бојана Скендеровски на промоцијата.
Тарабунов кажа дека му е драго што ѝ напишал балада каква што посакувала. Водителка на промоцијата беше новинарката Александра Тимковска, која „Лажни светови“ ја нарече балада на која жените ќе се расплачат и рече дека ова е една од најдобрите интерпретации на Бојана досега.
„Јас не можам да бркам трендови, да пеам трап музика, на пример. Никогаш не сум пеела трендовска музика, туку она што мене ми звучи убаво. Затоа се пронајдов во оваа балада во која ќе се пронајдат жените“, ни рече пејачката по промоцијата.
Аранжманот на „Лажни светови“ е на поп-пејачот и композитор Димитар Андоновски, а спотот го сними „Скендеровски продукција“. Пејачката најави и свој концерт до крајот на годинава.
М. ЏАРОВСКА