НОВИОТ „СУПЕРМЕН“ ПОЧНА ДА СЕ СНИМА НА НЕГОВИОТ РОДЕНДЕН, 29 ФЕВРУАРИ

Лос Анџелес, (Си-Ен-Ен)

Режисерот Џејмс Ган преку фотографија на Инстаграм објави дека почнало снимањето на новиот филм „Супермен“. Снимањето почнало на 29 февруари, роденденот на Супермен.

На фотографијата на Ган го има логото од оделото на Супермен со црвена, жолта и сина боја и препознатливото „С“ и наликува како да е покриено со снег.

Филмот првично беше најавен под насловот „Супермен: Наследство“, но сега Ган објави дека останува само „Супермен“.

Од објавената фотографија критичарите направија неколку споредби со првиот филм „Супермен“ од 1978 со Кристофер Рив. Во тој филм, суперхеројот замина во снежно арктичко дувло познато како Тврдината на осаменоста да дознае за своето потекло и да разговара со својот татко, кого го играше Марлон Брандо.

Не е позната приказната од новиот филм, но Ган веќе изјави дека тоа нема да биде приказна за потеклото, туку „ќе се занимава со балансот помеѓу криптонското наследство на Супермен и неговото воспитување како човек“.

Американските актери Дејвид Коренсвет и Рејчел Броснахан ги добија улогите на Супермен и Лоис Лејн, а Николас Хулт ќе го игра негативецот Лекс Лутор. Претходно, Хенри Кавил беше избркан од улогата на Супермен. Филмот се очекува да излезе во 2025.

Фото: Ди-Си