МЕТЈУ ПЕРИ ВЕРУВАШЕ ДЕКА ГИ ПОБЕДИЛ СВОИТЕ ЗАВИСНОСТИ ПРЕД ДА ПОЧИНЕ, ИЗЈАВИ НЕГОВИОТ ОЧУВ

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Очувот на Метју Пери изјави дека ѕвездата на „Пријатели“ чувствувала дека ги победила своите долгогодишни зависности пред да почине во октомври минатата година.

„Но, тие никогаш не се победуваат и Метју го знаеше тоа“, кажа Кит Морисон.

Пери (54) беше пронајден мртов во џакузито во својот дом. Во извештајот од обдукцијата стои дека тој бил под дејство на две лекарства, кетамин и бупренорфин, а како причини за смртта се наведени коронарна артериска болест и давење. Во извештајот пишува и дека Пери бил чист 19 месеци, но исто така примал инфузиона терапија со кетамин за лекување на депресија и анксиозност.

Морисон (76), кој се оженил со мајката на Пери кога тој имал 12 години, вели дека актерот бил во добра состојба кога починал.

„Беше среќен и го кажуваше тоа. А, долго време го немаше кажано тоа. Тоа ни дава некоја мала утеха“, вели Морисон.

Според него, Пери тешко се бореше со зависностите додека постојано беше во очите на јавноста.

„Тој сфаќаше дека ќе стигне до одредена точка и дека потоа ќе мора да оди на лекување. Прифаќаше помош кога му беше потребна. Но, тоа продолжи да се случува и му стана голем товар“.

По смртта на Пери, неговите мајка и очув основаа фондација за помош на зависници.