Четириесет глумци и 22 музичари ќе бидат на сцената на Националната опера и балет (НОБ) на годинашното шоу „Глумците пеат“, кое ќе се одржи на 29 и на 30 март од 20 часот, рече денеска на прес-конференција Маја Бабиќ, организаторка на настани и продуцентка. Таа лани го врати шоуто со сестра ѝ Ира, по смртта на нивниот татко, глумецот Марин Бабиќ, кој ги создаде „Глумците“.
Режисер на шоуто е Дејан Пројковски, а ќе свири Биг бендот, со кој ќе диригира Љупчо Мирковски. Аранжманите ги прави Бобан Мирковски. За секоја песна, актерите ќе имаат и кореографска точка, подготвени од кореографката Олга Панго.
„Годинава, темата е Евровизија, ќе се изведат македонски песни кои се пееле на настанот, како и некои најпознати странски хитови. Се забавуваме на темата ‘Што би се случило кога во Македонија би се организирала Евровизија’. Не се бавиме со реални настани, со сета почит кон организаторот на досегашните претставувања, Македонската радиотелевизија. Ќе се обидеме да се пошегуваме со нашите несовршености, Секако дека ќе има и гласање“, низ смеа рече Бабиќ.
Пројковски, цитирајќи го Бертолд Брехт дека „театарот треба да забавува“, рече дека задачата на „Глумците пеат“ е токму потврдата на таа дефиниција, дека служат за забава на публиката.
„Не ни е целта да правиме ретроспектива на Евровизија, туку забава за публиката“, кажа режисерот.
Бабиќ рече дека и двете претстави се распродадени.
Б. НЕСТОРОСКА
Фото: К. ПОПОВ