КИНЕЗИ ЈА КУПИЈА ЕВРОПСКАТА ТЕХНОЛОГИЈА ЗА ЛЕТЕЧКИ АВТОМОБИЛИ

Кина, (Би-Би-Си)

Кинеска фирма ја купи технологијата за летечки автомобили која оригинално беше развиена и тестирана во Европа.

Придвижуван од мотор на „БМВ“ и нормално гориво, „еркар“ (AirCar) леташе 35 минути меѓу два аеродрома во Словачка во 2021, користејќи писта за полетување и слетување. На возилото му требаа само две минути за да се претвори од автомобил во летало.

Возилата засновани врз дизајнот на „еркар“ отсега ќе се користат во „одреден географски регион“ во Кина, откако правата за негово производство и користење ги купи фирмата „Хебеи Џијаншин“ со седиште во Цанџоу.

„Фирмата изгради сопствен аеродром и отвори школа за летање откако претходно купи друг словачки производител на авиони“, изјави Антон Зајак, коосновачот на „КлајнВижн“, компанијата која го создаде „еркар“.

За разлика од другите патнички летала налик на дрон, „еркар“ не полетува и слетува вертикално, туку користи писта. „Еркар“ доби дозвола за летање од словачките транспортни власти во 2022, но и натаму остануваат бројни пречки во користењето на ваков вид превоз.