НА 6 АПРИЛ ПРОМОЦИЈА НА КНИГАТА „БЕЗСЛОВЕН“ ОД КИРИЛ АНГЕЛОВ, ЖРТВА НА СЕКСУАЛНО И МЕНТАЛНО ЗЛОСТАВУВАЊЕ

Скопје, (СМАРТ. СДК.МК)

Автобиографската книга „Безсловен“ на Кирил Ангелов ќе биде промовирана на 6 април во 13 часот во книжарницата „Сакам книги“ во ТЦ „Лептокарија“ во Скопје. Издавачот вели дека книгата е животна приказна за сексуалното и менталното злоставување во детството и младоста, борбата со ракот и за преживувањето на траумите.

„Една разнобојна таписерија, која започнува во 2019 кога авторот дознава дека има канцер. Канцерот е како катализатор за да може како од Пандорината кутија да се излеат сите болки, тајни и трауми од минатото. Поточно, шест трауми и големи лузни од минатото, сокриени во шест сандаци: менталното и физичкото злоставување од страна на негувателките од градинка и од сопствените баба и дедо, кои со жилети му го сечеле јазикот, злоставување од таткото алкохоличар, сексуалното злоставување од 8 до 10 години од страна на сосед, што е и најголемата траума во делото и околу кое се прилепуваат сите останати и врсничкото физичко и ментално насилство во основното и средното образование“, велат од издавачката куќа „Сакам книги“.

Модератор на промоцијата ќе биде Атина Цветаноска, а делови од книгата ќе прочита актерката Дарја Ризова.