Велешанката Јагода Пачемска, како единствен цветен моден креатор беше учесник на „Моден викенд Скопје“ со своја ревија.
Таа се претстави со три нејзини креации од природно зеленило. Пачемска има свое уметничко студио за цвеќе „ФА-БУ“ во Велес, и освен цветни аранжмани изработува и фустани од цвеќе.
Уникатните фустани изработени од цвеќе и природно зеленило, таа ги прикажа на модниот настан и доби пофалби од публиката. Пачемска првиот фустан од цвеќе го има изработено кога имала 15 години, а со цвеќарство се занимава 24 години.
Традиционалниот настан „Моден викенд Скопје“ по 28. пат се одржа во скопскиот трговски центар „Ист гејт“. Програмата започна со модната ревија и презентација „Дијалози“, која ја организираше Амбасадата на Шпанија.
П.ПЕЧКОВ