СКОПЈЕ, ВИЕ ЌЕ ГО СМЕНИТЕ СВЕТОТ, СЛОВЕНЕЧКИОТ ХОР „ПЕРПЕТУМ ЏЕЗИЛЕ“ ЈА ПЕЕШЕ „ЈОВАНО ЈОВАНКЕ“ И ЈА КРЕНА ПУБЛИКАТА НА НОЗЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Словенечкиот хор „Перпетум џезиле“ кој сношти одржа концерт во Филхармонијата не залудно го викаат вокален оркестар. Ако само ги слушате а не ги гледате, се добива впечаток дека пеат во придружба на ритам секција и инструменти.

И навистина имаат ритам секција и „бас гитара“, но гласовни. Цел репертоар од светските поп-рок хитови го пеат шарматните членови на хорот, гласовно умешно и богато, како да ги следи бенд или оркестар. На сцената беа околу 40 хористи: алти, сопрани, тенори, баси и двајцата во ритам секцијата.

Пејачите ги користат рацете, стапалата и дланките па интерпретираа бура, дожд, громови и бранови (Фото: К.Попов)

Скопје е дел од светската турнеја на хорот кој постои од 1983, а денес има 90 милиони прегледи на Јутјуб. Само песната „Африка“ од „Тото“ која ја пееја при крајот има над 22 милиони прегледи. На неколкупати, солистите ѝ се обратија на пубпиката на македонски јазик, а изненадување беше изведбата на „Јовано јованке“. Познатата народна песна која често ја пеат гостите од регионот кои доаѓаат во Македонија звучеше поуникатно во изведба на „Перпетум џезиле“. Со аранжманот во кој е задржан народниот дух, а е освежен со поп и џез, гостите од Словенија заслужија и добија големо браво.

Пејачите ги користат рацете, стапалата и дланките па интерпретираа бура, дожд, громови, бранови. Игрите со светлото го комлетираа богатото визуелното шоу. Имаше и носталгично потсетување на некогашното слушање радио, со микс од светски и регионални хитови и временска прогноза која еден од членовите на хорот ја кажа на македонски.

(Фото: К.Попов)

Слушавме вокални обработки на хитови од АББА, „Тото“, „Квин“, Леди Гага, „Металика“, Ерос Рамацоти, „Парни ваљак“ а најголемото шоу на крајот го направи хит на Елвис Присли, кој се наоѓа на новиот албум на хорот „Мириса како“ (Smells Like), повод за концертот во Скопје. „Перпетум џезиле“ нѐ однесе и во нивната Словенија, со пет доброволци од публиката кои диригираа, а за подарок добија нивно цеде.

„Кога ви е тешко и кога мислите дека никој не ве разбира, прифатете ја својата болка и тргнете напред со крената глава. Ние можеме д го смениме светот. Скопје, вие ќе го смените светот“, рекоа членовите на хорот на крајот додека целата публика танцуваше со нив.

(Фото: К.Попов)

Се одјавија оригилано, напуштајќи ја сцената дел по дел: алти, сопрани, тенори, баси, за на крајот да останат само двајцата од ритам секцијата. Концертот го орагнизираше „Мјузик тајм“ и менаџерот од Загреб, Томислав Кашљевиќ.

М.ЏАРОВСКА