АНА ПЕТАНОВСКА СО ПЕСНА ОД ГРИГОР КОПРОВ НА ФЕСТИВАЛОТ „БЕЛГРАДСКА ПРОЛЕТ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Младата поп-пејачка Ана Петан (Петановска), која беше една од ѕвездите на концертите со поп-хитови во Операта, ќе настапи на фестивалот „Белградска пролет“. Песната насловена „Балада за ангел“ ја напиша познатиот композитор Григор Копров. Аранжманот е на Стефан Петановски, а текстот на Душан Бачиќ. Петановска ќе настапи на 20 април во салата „МТС“.

По Белград, Петановска ќе настапи на уште неколку летни фестивали: „Сунчане скале“ во Херцег Нови, „Шибенска шансона“ во Шибеник и „Охрид фест“, кој годинава ќе се одржи на 30 и 31 август.

Иако психологијата е нејзината вистинска професија, Петановска е една од нашите најдобри млади поп-рок пејачки. Беше гостинка на речиси сите концерти во Операта последниве години: Василичарскиот, концертите на битолскиот Камерен оркестар со Ем-Ти-Ви хитовите, а публиката ја воодушеви и ја крена на нозе на гала концертот со оскаровските хитови во февруари.

„Психологијата беше некако избор својствен за онаа изрека ‘до последен момент ќе се премислуваш и на крај на лето ќе се одлучиш’. Секако знаев дека сакам да продолжам со пеењето на кој било начин, но не бев сигурна за студирање музика, па така оставив времето да покаже“, ни изјави Петановска претходно.

 

Фото: Д. Милевски