ЈАС СУМ БАСКИЕЦ СО ГОЛЕМО ГЕРМАНСКО ВЛИЈАНИЕ, ВЕЛИ ЧАБИ АЛОНСО, ТВОРЕЦОТ НА ШАМПИОНСКИОТ ТИМ НА БАЕР

Германија, (Дојче веле)

Титула во Бундеслигата, финале на Германскиот куп, фаворити за освојување на Лига Европа, ниеден пораз на сите фронтови: првата полна сезона на Чаби Алонсо како тренер не можеше да биде подобра. Некогашниот шпански репрезентативец го предводеше Баер Леверкузен до првата шампионска титула во неговата 120-годишна историја, само година и пол откако дојде на клупата во моментот кога екипата беше во зоната на испаѓање.

Алонсо дојде во Баер во октомври 2022 (Фото: АП)

Алонсо ја почна и играчката и тренерската кариера во Реал Сосиедад, со кој неговиот татко Перико двапати беше првак на Шпанија во 1980-тите. За овој клуб повеќе од 100 меча одигра и братот на Чаби, Микел. По одличните настапи за Ливерпул и Реал Мадрид, Алонсо дојде во Баерн, каде што заврши со играњето во 2017 на 35 години.

„Јас сум Баскиец, целосен Баскиец, но со големо германско влијание“, вели Алонсо.

Мечот со Вердер заврши со луди сцени на стадионот „БајАрена“ (Фото: АП)

Иако најголем дел од кариерата помина надвор од Шпанија, Алонсо вели дека двајца шпански тренери имале најголемо влијание врз него: Рафа Бенитес и Пеп Гвардиола. И двајцата имаат кажано дека виделе тренер во него.

Посед и прагматичност се некои од најзначајните особини на тренерскиот стил на Алонсо, кој и како играч од средниот ред многу се потпираше на својата способност за анализирање.

„Тој ја разбира играта и љубопитен е. Секогаш однапред знаеше што ќе треба да направиме за да победиме на следните натпревари“, кажа Гвардиола, кој му беше тренер на Алонсо во Баерн.

Илјадници фанови ги пречекуваат играчите на Баер пред средбата со Вердер (Фото: АП)

И покрај тоа што е голема желба на Ливерпул и Баерн, Алонсо најави дека и следната сезона ќе биде тренер на Баер.

„Има многу причини за тоа и многумина играчи. Сезоната досега беше одлична и сакаме заедно да го продолжиме ова. Се чувствувам како дел од тоа“, кажа Алонсо.

(Фото: АП)