МУЗИКА, ПОЕЗИЈА И ОМАЖ ЗА КИРЕ КОСТОВ ЌЕ СЕ СПОЈАТ НА ПЕТТОТО ИЗДАНИЕ НА ЏЕЗ ФЕСТИВАЛОТ „КРАЈ ВАРДАРОТ ЏЕЗ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Класичен џез, музичко-поетски перформанси и музика за биг бенд ќе има на годинашниот џез фестивал „Крај Вардарот џез“ во Скопје, чиј основач беше неодамна починатиот Мирко Попов, па ова петто издание ќе се одржи во негова чест. Фестивалот ќе се состои од пет настани во три вечери (20, 23 и 27 април) во Филхармонијата и во едукативниот културен центар „Лабораториум“ во Скопје.

На отворањето на 20 април во „Лабораториум“ ќе настапи домашниот квартет „Кобалт код јунит“ и влезот за овој концерт ќе биде слободен.

„Заедно со Мирко почнавме да ја спремаме програмата уште по завршувањето на ланското издание и пред пола година стигнавме до еден момент да бидеме задоволни со неа. Склопивме три вечери, сите со македонски автори и музичари, а за да го дигнеме фестивалот на едно повисоко ниво, успеавме да составиме биг бенд благодарение на маестро Љупчо Мирковски“, вели еден од основачите и организатори на „Крај Вардарот џез“, Владан Дробицки.

На 23 април во Филхармонијата (20 часот) ќе се изведе музичко-поетскиот проект „Мирисот на липите“, во кој учествуваат пијанистката Дуња Иванова и Тина Иванова како нараторка. Од 21 часот, Биг бендот под диригентската палка на Мирковски ќе ја свири музиката на легендарниот композитор Кире Костов.

„Проектот е насловен ‘Мирисот на липите‘ зашто токму тој мирис ме асоцира на некои спомени од детството. Музиката ја напиша нашата композиторка Ана Пандевска и се состои од делото за пијано ‘Свита за Скопје‘ во три става и од нејзината обработка на песната на Мирко Попов, ‘Ние сме од Скопје‘“, вели Дуња Иванова.

Иако на пошироката јавност ѝ е најпознат по поп-песни, музиката на Кире Костов не случајно се најде на овој фестивал.

„Костов, еден од стожерите на современата македонска музика, правеше и специфична џез музика зашто во секоја композиција го вметнуваше македонскиот фолклор. Мирко и Владан одбраа програма која ќе покаже дека Кире пишувал секаков вид музика и таа се состои од неколку инструментални и вокални композиции преработени за соло инструмент“, кажа Мирковски.

Последната вечер е во „Лабораториум“ на 27 април. Прво ќе настапи „Маседонијан фри сосаети“ (Macedonian Free Society), кој, како што појасни Дробицки, е ол стар бенд на музичари од лејблот „ПМГ Џез“. Фестивалот ќе се затвори со изведбата на „Поетроника“, поетско-музички перформанс на актерот Оливер Митковски и музичарот Андреја Салпе.

Г. КОНЕВ