„ВРЗЕТЕ МИ ГИ РАЦЕТЕ“ Е ПЕСНА БЕЗ КОМПЈУТЕРСКИ ЕФЕКТИ, ЗА ОНИЕ КОИ НЕ ЗНААТ ДА ГО ЦЕНАТ ОНА ШТО ГО ИМААТ, ВЕЛИ ДАРИО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Врзете ми ги рацете” е новата песна на Дарио, која излезе вчера.

„Искрено, уживав додека ја пишував и снимав. За мене и за вас“, напиша кантавторот на социјалните мрежи.

Како и претходните синглови што ги промовираше во изминатиов период, тој е автор на музиката и текстот на песната, а аранжер е Кристијан Габровски. Дарио вели дека му е драго што снимил песна без никакви компјутерски ефекти.

„Ова е класична љубовна песна инспирирана од многуте реални љубовни приказни. Оние приказни во кои многумина не знаат да го ценат она што го имаат покрај себе, а подоцна целото време го минуваат во каење и патење по она што некогаш го имале, но го прокоцкале“, ни рече Дарио.

„Инаку, музички, ова е вистинска песна, песна како некогаш. Убава приемчива хармонија, со впечатлив ударен и певлив рефрен, со медитеранско-балканска нота и, што е најважно, без ефекти во форма на аутотјун и слични ‘модерни’ квазиакробации. Само глас, музика и многу чиста емоција, љубов и енергија“, вели поп-пејачот.

Минатата година, тој ја сними песната „Молитва“. За неа рече дека е навраќање на неговиот препознатлив латино стил по подолг период и дека песната ја напишал според вистинска љубовна приказна за која слушнал.

М. ЏАРОВСКА