Фотографии и постери од 20-годишната историја на Танц фест Скопје се изложени во Мала станица на поставката насловена „Рефлексии“. Изложбата се отвори синоќа (26 април) и со неа почнува централната прослава на јубилејното издание на Танц фест Скопје, кое се одржува под мотото „Сирово: од движење до виртуозност – 20 години извонредност во современиот танц“.
Изложбата е составена од три дела. Изложени се дел од програмските материјали и дел од дизајните направени за фестивалот од Лидија Божиќ, Јовица Јовановски, Горјан Донев и Русе Арсовски и фотографии од Сашо Димовски и Драган Перковски, кои во одредени периоди на фестивалот ги документираа настаните.
Во вториот дел има фотографии од претстави кои се дел од творештвото на истакнатиот костимограф Благој Мицевски, а третиот дел е посветен на истакнатата холандска фотографка Карла Шу, која се претставува со серија портретни фотографии.