Арон Соркин ќе пишува продолжение на „Социјална мрежа“, за кој доби Оскар за најдобро сценарио. Како што е најавено, во новиот филм ќе се истражува улогата на Фејсбук во упадот на американскиот Конгрес на 6 јануари 2021.
„Јас сметам дека Фејсбук е виновен за 6 јануари. Фејсбук, меѓу другото, го подесуваше својот алгоритам за да го промовира материјалот што најмногу предизвикува поделба“, рече Соркин во подкаст.
На прашањето како ќе се справи со врската помеѓу оваа платформа и немирите во кои приврзаниците на Доналд Трамп упаднаа во зградата на Конгресот, Соркин одговори:
„Ќе треба да купите билет за во кино“, рече тој.
„Социјална мрежа“ во режија на Дејвид Финчер излезе во 2010 и го следеше создавањето на Фејсбук. Во главните улоги беа Џеси Ајзенберг како Марк Закерберг, Ендрју Гарфилд како кокреаторот на Фејсбук Едуардо Саверин и Џастин Тимберлејк како креаторот на Напстер. Филмот постигна голем успех, заработи над 224 милиони долари низ светот и доби три оскари.
Фото: Гети