Култниот иноватор, гитарист, композитор и импровизатор, Англичанецот Фред Фрит, утревечер од 20 часот ќе одржи концерт во камерната сала на Македонската филхармонија.
Фрит е на европска турнеја, а настапот во Македонија е во организација на Скопскиот џез фестивал.
Во најавата, меѓу другото, стои дека Фрит е музичарот кој недостасуваше во сите изминати години на Скопскиот џез фестивал. Никогаш немал слободен термин во октомври, поради обврските што ги има како професор на Милс колеџот во Оукленд, Калифорнија.
Фрит, кој три децении ја водеше легендарната група „Хенри кау“, во доцните 70-ти години на минатиот век се пресели во САД и почна да соработува со познати њујоршки експериментални музичари.
„Јас сум автор, композитор, мултиинструменталист и импровизатор, кој музицира главно на различни пермутации на електрична и акустична гитара. Понекогаш користам и еден куп дома направени жичени инструменти, кои се плод на мојата имагинација. Импровизацијата, сценографијата на звукот во студио и третирањето на композицијата како отворен процес остануваат во средиштето на мојата размисла каква треба да биде музиката”, вели Фрит.
Влезниците по цена од 600 денари се продаваат во Македонската филхармонија, „Југотон Рекордс“ и онлајн на www.jugoton.mk.