„Лена и Владимир“ во режија на Игор Алексов ја доби наградата за најдобар долгометражен филм на 13. издание на Меѓународниот филмски фестивал во Дубјук, Ајова (САД). На фестивалот, кој се одржа од 24 до 28 април, беа прикажани над 150 филмови од целиот свет, а филмот „Лена и Владимир“ го промовираа актерот Тони Наумовски и режисерот Алексов (фото).
Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Македонија и Филмскиот центар на Србија. Главните улоги ги играат Сара Климоска и Тони Наумовски, а во филмот се појавуваат и Дениз Абдула, Луран Ахмети, Петар Мирчевски, Петре Арсовски, Благоја Чоревски и Kирил Коруновски.
Сценариото е на Александар Русјаков, а продуценти се Дејан Илиев („ДМФ филм“) и Илија Циривири („МИНД продукција“).