„ТРУБАДУР“ НА ИВАН ПОПОВСКИ ГИ ОТВОРА 52. МАЈСКИ ОПЕРСКИ ВЕЧЕРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Педесет и второто издание на Мајските оперски вечери (МОВ) почнува вечерва (9 мај) во 20 часот во Националната опера и балет (НОБ). Отворањето е со премиерата на „Трубадур“ од Верди, во режија на Иван Поповски, прочуениот македонски режисер чии оперски поставки се наградувани во Русија и низ светот, а првпат режира опера во Македонија. Пред операта, фестивалскиот оган ќе го запали оперската певица Славица Галиќ-Петровска.

Диригент е Енрико Довико од Италија, сценограф Миодраг Табачки од Србија, костимите се на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.

Во операта „Трубадур“ ќе учествуваат Зоран Сотиров, Марјан Јованоски, Сандра Митровска, Сања Анастасиа (Србија), Владимир Саздовски, Дејан Стоев, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Јане Дунимаглоски, како и Хорот и Оркестарот на НОБ. Репризата е на 11 мај, со диригентот Иван Еминовиќ и солисти од Канада и Чиле.
Режисерот Иван Поповски на генералната проба. (Фото: M. Угарковиќ)

На Мајските оперски вечери ќе се изведат и балетот „Заспаната убавица“ на Чајковски (15 мај) со диригентот Најер Нагуи од Египет и солисти од Бугарија и операта „Валкира“ на Вагнер (18 мај), со која ќе гостува Софиската опера и балет, што ќе биде и прва изведба на ова дело на нашата сцена.

Во годината посветена на Џакомо Пучини ќе биде изведена операта „Тоска“ (23 мај) со Весна Ѓиновска-Илкова во насловната улога, домашна екипа и со гости од Србија и Романија. Новина за овие Мајски оперски вечери е изведбата на камерна опера – современата а капела опера „Свадба“, со која на 28 мај ќе гостува Словенечкиот камерен музички театар од Љубљана.

Традиционално, Мајските оперски вечери ќе завршат на 31 мај со Вердиевата „Аида“ со Австријката Моника Медек во насловната улога и гости од Кина, Италија и Бугарија.

Фото: Од генералната проба (М. Угарковиќ)