Градскиот мешан хор „Вардар“ од Скопје освои златен медал и прво место на 23. издание на меѓународниот хорски фестивал Мајски музички свечености во Бијељина, Босна и Херцеговина. Скопскиот хор, со кој диригира маестра Јасмина Ѓорѓеска, победи во конкуренција од повеќе хорови од регионот.
„Уште еднаш докажавме дека кога душата пее, лимити не постојат. Се потврди нашата заемна соработка со маестра Јасмина Ѓорѓеска, под чие водство хорот покажа висок степен на музичка изведба, што вроди со исклучителен резултат, односно прво место. Членовите на жирито истакнаа дека иако сме аматерски хор, звучиме како професионалци. Истовремено, сатисфакција од изведбата на четирите композиции беше потврдена со големиот аплауз од публиката“, велат од хорот.
Хорот постои 24 година и има добиено повеќе признанија и награди во Македонија и надвор. Формиран е на иницијатива на сениорите од Академскиот хор „Мирче Ацев“ заедно со маестро Драган Шуплевски. Името е земено од најстариот хор кој бил формиран во Скопје во 1907 година.
„Фестивалот е со долгогодишна традиција и се одвиваше во два дена бидејќи имаше повеќе категории: детска, еднородна, камерна, мешана, фолклор. Ние бевме во категоријата мешани хорови, во конкуренција со хорови кои беа составени од професионални и полупрофесионални членови, така што задоволството беше многу големо кога освоивме награда покрај вакви реномирани хорови. Сместувањето беше во етно село, комплекс кој изгледаше како да си во некоја бајка“, вели маестра Ѓорѓеска, која со хорот работи повеќе од десет години.
М. ЏАРОВСКА