Американската актерка и поранешен модел Џесика Бил е автор на нова детска книга која се фокусира на тоа како девојчињата да се подготват за првата менструација.
„Детска книга за циклус“ е „дизајнирана да инспирира позитивни разговори меѓу децата и возрасните“, се вели во предговорот, и е инспирирана од личното искуство на Бил од нејзината прва менструација.
Бил рече дека нејзината мајка ѝ рекла оти „апсолутно ја подготвила“ за пресвртницата. Но таа додава дека не се сеќава на таков разговор, па дури и рече дека мислела оти „умирала“ кога за првпат добила менструација.
„Мораме да го промениме чувството околу тоа како зборуваме за оваа работа“, рече таа. Актерката додаде дека иако луѓето како нејзината мајка ѝ помогнале да се подготви, таа не била отворена да слуша „поради културниот срам околу тоа“. Тој „културен срам“ што го доживеа Бил е нешто што таа сака да го отфрли со книгата, за која се надева дека ќе помогне подобро да се информираат децата денес.
„Книгата помага да им се покаже на девојчињата на возраст од 7-9 години дека менструацијата е нормална и дека е всушност прилично кул“, вели Бил.
Дури и нејзините два сина Силас (9) и Финес (3), кои ги има со пејачот Џастин Тимберлејк учат што е менструација. Всушност, книгата им е посветена на нив. Актерката рече дека планира еден ден да им ја прочита книгата на своите синови.