ТОШЕ, КАЛИОПИ, БРАЌАТА МАНАКИ И ПИТУ ГУЛИ СЕ ДЕЛ ОД НАЈПОЗНАТИТЕ ВЛАСИ НА БАЛКАНОТ, СПОРЕД АВСТРИСКИОТ МАГАЗИН „КОСМО”

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Австрискиот магазин „Космо“ ги вклучи поп-ѕвездите Калиопи и Тоше Проески, револуционерот Питу Гули и браќата Манаки меѓу најпознатите Власи на Балканот. 23 мај се одбележува како Национален ден на Власите. На денешен ден во 1905 година, со посебен указ на султанот Абдул Хамид Втори, Власите биле признати за посебен народ во рамките на Отоманската Империја. Романскиот православен митрополит Андреј Шагуна ја предводи листата на најпознати Власи на Балканот, што ја состави „Космо“. На листата се наоѓаат и пејачката Елена Георге, која во 2009 ја претставуваше Романија на Евровизија, српскиот математичар Јован Карамата, српскиот политичар и државник Никола Пашиќ, романската тенисерка Симона Халеп и други.