КИНОТЕКАТА ДИГИТАЛНО ЌЕ ЈА РЕСТАВРИРА ФИЛМСКАТА КЛАСИКА „МИС СТОН“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Кинотеката ќе го реставрира филмот „Мис Стон“ на Жика Митровиќ во рамките на проектот „Сезона на филмски класици“, кој е во организација на Европската асоцијација на кинотеки. Ова следува откако Кинотеката во изминатите години дигитално реставрираше уште неколку македонски филмски класици: „Мирно лето“ (1961), „Фросина“ (1952) и „Мементо“ (1967), како и трите етнолошки филма на Вера Кличкова.

Дигитално реставрираната копија на „Мис Стон“ ќе биде претставена на 21 септември во Летното кино на Кинотеката, како и ширум Европа преку онлајн проекција во живо.

Мис Стон“ (1958) ја раскажува приказната за киднапирањето на американската протестантска мисионерка Елен Стон и нејзината сопатничка Катерина Цилка од страна на четата на Јане Сандански, која за нивно ослободување бара откуп, кој треба да послужи за финансирање на македонската револуционерна борба.

Во филмот играат Олга Спиридоновиќ, Илија Милчин, Марија Тоциноски, Илија Џувалековски, Петре Прличко и др. Снимен е во техниката колор синемаскоп, што своевремено била новина во југословенската филмска индустрија. Спиридоновиќ и Прличко беа наградени со „Златна арена“ за најдобра актерка и најдобар актер на Филмскиот фестивал во Пула во 1959.