Келнерот и бармен Абдула Јерлеген од турската област Анталија вели дека е среќен што има две татковини, Турција и Македонија. Во Турција, работи на лето, во хотел во Кемер, а во Скопје, во реаторан во Старата чаршија во зима.
Јерлеген беше еден од омилените келнери на македонските гости во хотелот во Кемер, од инфо-турата која ја организираше туристичката агенција „Фибула“. Неговата девојка, која е од Гостивар е уште една причина што тој половина година живее во Македонија.
„Половина година сум во Скопје, половина во Анталија. Мојата девојка е од Гостивар, и со неа, а и со гостите од локалот каде што работам, почнав да учам македонски. Не знам многу, но учам нови зборови секој ден. Засега планирам, кога ќе се оженам со неа да се преселам во Македонија. Имаат голема душа луѓето таму, Скопје има голема душа и многу го засакав“, ни кажа Јерлеген.
„Овде во Анталија работам по 12 часа и повеќе, во Скопје по 8. Бакшишот овде е секако поголем, но нема голема разлика, и луѓето во Македонија знаат да бидат дарежливи“, додава угостителот.
Јерлеген самиот почнал да учи да прави коктели, а го подоцна го обучувале постарите колеги. Во турскиот хотелски комплекс, тој ги служеше гостите на ролери што беше уште една атракција за туристите.
М. ЏАРОВСКА