КИНЕСКА КАЛИГРАФИЈА ОД ЃОРЕ ЃЕЛЕВ ИЗЛОЖЕНА ВО ЛИКОВНИОТ САЛОН ВО ВЕЛЕС

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Ѓоре Ѓелев во Ликовниот салон во Велес ги изложи неговите дела изработени со кинеска калиграфија. Смета дека ова е првпат во Македонија да се организира изложба со оваа древна кинеска уметност. Се претставува со 30 дела пишувани во различни стилови, кои содржат мудрости од Конфуциј и древна кинеска поезија.

„Преку оваа уникатна и древна уметност сакам посетителите да ги доближам до кинеската култура и нејзиното разбирање. Во овој грст калиграфски творби можат да се сретнат повеќе видови скрипти. Вакви дела можат да се сретнат закачени во домови во Кина, како натписи на продавници и најави за настани и натпревари. Секое дело е автентично и го отсликува времето кога било создадено. Во делата се испишани древни кинески мудрости, поговорки и цитати од познати мислители, како Конфуциј и Лао Це и поети од времето на династијата Танг. Калиграфијата е посебен вид уметност, кој, може да се каже, е повеќе почитуван дури и од сликарството“, кажа Ѓелев.

Фото: СМАРТ.СДК.МК

Преку четирите богатства на калиграфијата: четката, мастилото, хартијата и каменот за растворање на мастилото, Ѓелев нѐ враќа илјадници години во стара Кина.

Изложбата ја организираат Народниот музеј во Велес и Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“. Ја отвори кинескиот амбасадор во Скопје, Џанг Ѕуо, кој потенцираше дека калиграфијата не е само уметност, туку е важен дел од кинеските традиција и култура.

П. ПЕЧКОВ