„КОЛДПЛЕЈ“ НАЈАВИ НОВ, ЕКОЛОШКИ АЛБУМ, ПЛОЧИТЕ ЌЕ СЕ ПРАВАТ ОД ПЛАСТИЧНИ ШИШИЊА

Лондон, (Би-Би-Си)

„Колдплеј“ објавија дека нивниот нов албум „Moon Music“ ќе биде најеколошкиот досега. Секоја плоча ќе биде направена од девет пластични шишиња собрани од отпад, а специјалното издание од околу 70% пластика извадена од реката Лас Вакас во Гватемала.

Бендот соопшти дека ќе ги намали јаглеродните емисии за 85% и ќе спречи производство на повеќе од 25 метрички тони „девствена пластика“, материјал што се користи во производството на фолии и пакувања.

„Колдплеј“ е еден од предводниците на напорите поп-музиката да се направи поодржлива. Во 2021, тие објавија дека планираат значително да го намалат својот јаглероден отпечаток на светската турнеја „Music Of The Spheres“. Групата неодамна кажа дека ги намалила емисиите на јаглероден диоксид за 59% во споредба со својата претходна турнеја.

Производството на плочи (винили) доживува нов процут во последните години, но материјалот што притоа се користи, ПВЦ, е производ на нафтената индустрија и потребни се 1.000 години да се разгради на депонија. Истражувачите од Универзитетот Кил во Британија утврдиле дека една плоча вообичаено содржи 135 грама ПВЦ.

„Moon Music“ ќе биде десетти албум на „Колдплеј“ и треба да излезе во октомври.

(Фото: Фејсбук)