ДЕЛА ОД ГЛИГОР ЧЕМЕРСКИ ОД ФРАНЦУСКА КОЛЕКЦИЈА ЌЕ СЕ ИЗЛОЖАТ ВО МКЦ НА 24 ЈУНИ

Скопје, (СМАРТ. СДК.МК)

На 24 јуни во 20 часот во Галеријата на Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се отвори изложбата „Чемерски: Низ цртеж, отпосле“ на реномираниот македонски уметник и академик Глигор Чемерски (1940-2016).

Изложбата ја организираат Галеријата Грал и МКЦ, кои велат дека во текот на 1980-тите и на почетокот на 1990-тите, Чемерски често престојуваше во Париз, каде што беше застапуван од галеријата Galerie du Fleuve (1983 – 2003). Постојано присутен на тамошната ликовна сцена, во тој период Чемерски реализираше повеќе изложби во таа галерија. Најголем дел од цртежите и температа претставени на оваа изложба се неизложувани дела, интимни формати од колекцијата на  Galerie du Fleuve создадени во тој период.

Чемерски e eден од најплодните македонски модерни автори, неговите дела се застапени во голем број на галерии и музеи во земјата и надвор од неа. Добитник е на голем број на награди и признанија. Чемерски работел и како ликовен есеист и критичар, телевизиски уредник, сценограф и костимограф. Автор е и на повеќе монументални дела: „Топла Земја“ (1971, фреска, Стопанска Банка, Скопје), „Човекот и светлината“ (1975, мозаик, ХЕЦ Вруток) „Споменик на слободата“ (1981, меморијален мозаички комплекс, Кочани), „Македонија- светла земја“ и „Македонија – земјата памети“ (2006, мозаици, Кабинет на Претседател на Република Северна Македонија, Скопје) итн.
Живеел и работел на релација Скопје – Беград – Париз. Бил член на Македонската академија на науките и уметностите и почесен член на Руската академија на уметностите.

Кураторкa на изложбата е Елена Чемерска.