В петок (28 јуни) со почеток во 21 часот, во Музејот на Град Скопје ќе се одржат дефиле и претстава со наслов „Сонот на Ерберт“, што е во рамките на фестивалот Скопско лето и како затворање на прославата на 50-годишнината на Францускиот институт во Скопје. Изведбата е на француската театарска трупа „Кидам“ (La Compagnie des Quidams), која има од 100 до 150 настапи годишно низ целиот свет.
По Музејот, дефилето продолжува по улица Македонија и Камениот мост до плоштадот Карпошово востание, каде што е финалето на претставата.
„Со волшебна музика и пет обемни фигури високи четири метри ќе се изведе магичен ритуал преку кој ќе ѝ се овозможи на една ѕвезда да се издигне на небото“, велат од Францускиот институт.
Претставата е наменета за сите возрасти. На крајот на претставата, на фасадата на зградата Ибни Пајко ќе биде прикажан видеомапинг на македонскиот визуелен уметник Емил Петро, насловен „Франција во светлина“.