НОВИОТ ФИЛМ НА ТАРАНТИНО ЌЕ СЕ ВИКА „БЕШЕ ЕДНАШ ВО ХОЛИВУД“, ПИТ И ДИКАПРИО ВО ГЛАВНИ УЛОГИ

Лос Анџелес, (Дедлајн)

Квентин Тарантино го избра насловот за својот нареден, деветти филм, во кој во главни улоги ќе се обединат Бред Пит и Леонардо ДиКаприо. Тој ќе се вика „Беше еднаш во Холивуд“ и неговата премиера е закажана за 9 август 2019 година, на 50-годишнината од убиствата што ги извршија следбениците на Чарлс Менсон.

Двократниот оскаровец го опишува филмот како „приказна што се случува во Лос Анџелес во 1969 година, на врвот на хипи движењето во Холивуд“.

Во центарот на приказната се Рик Далтон (ДиКаприо), поранешна ѕвезда на вестерн-серии и неговиот партнер и дублер Клиф Бут (Пит). Двајцата не успеваат да се снајдат во Холивуд, бидејќи никого не познаваат, но Рик има многу славна сосетка – Шерон Тејт, за која се зборува дека ќе ја игра Марго Роби.

Не е познато дали Тарантино го избрал насловот на филмот како посвета на двата класика на Серџо Леоне, „Беше еднаш на Дивиот Запад“ и „Беше еднаш во Америка“.

Филмот ќе го издаде „Сони“, откако Тарантино го повлекол од компанијата на Харви Вајнстин.

„На ова сценарио работев пет години, а и поголемиот дел од мојот живот го поминав во Лос Анџелес. Таму бев и во 1969 година, кога имав седум години. Многу сум возбуден што можам да ја раскажам приказната за Лос Анџелес и Холивуд какви што веќе не постојат, а да се спојат Пит и ДиКаприо во еден филм е сон“, изјави Тарантино.