ПЕЕВ НА „ЗЛАТНО СЛАВЕЈЧЕ“ ПРЕД 40 ГОДИНИ, ЗАТОА САКАМ ДА ДОАЃАМ ВО СКОПЈЕ, РЕЧЕ АКТЕРОТ НИКОЛА ЃУРИЧКО ПО КОНЦЕРТОТ СО БЕНДОТ „ЏОНИ МИДНАЈТ ТРИО“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

За српскиот актер Никола Ѓуричко секое доаѓање во Скопје е значајно, најмногу затоа што пред 40 години, во 1984, пеел на детскиот фестивал „Златно славејче“.

Сношти (3 јули), тој настапи во „Јавна соба“ со својот бенд „Џони миднајт трио“, кој е основан во Лос Анџелес, каде што актерот живее со семејството. Ги свиреа песните од албумот „По сеќавање“ (Po sećanju), авторски песни на бендот и преработки на поп и рок хитови од поранешна Југославија.

„Оваа песна го освои четвртото место на Евровизија“, рече Ѓуричко и ги изненади сите со рокенрол верзијата на „Џули“, песната со која Даниел Поповиќ беше четврти на Евровизијата во Минхен во 1983.

„Една година по ‘Џули’, имав и јас музички настап, на фестивалот ‘Златно славeјче‘, тука во Скопје. Убави спомени ми се тоа. И затоа, значајно ми е секојпат кога доаѓам овде. Некои се чудеа како тоа пропеав во 2021, но ете, јас од претходно пеам, уште пред да го направиме бендот. ‘Џони миднајт трио’ настана во пандемијата, време кога сите имавме екстра време. Токму на 29 ноември, денот кој беше најголемиот државен празник во Југославија, басистот Саша Паниќ-Мексико, тапанарот Срѓан Миленковиќ-Срки и јас станавме музичко трио“, ни рече Ѓуричко, кој е вокал и свири гитара.

На концертот, бендот испеа нова верзија на уште една евровизиска песна, „Ајде да лудуваме“ (Хајде да лудујемо) од хрватската пејачка Тајчи, која сега живее во Америка. Кога ја пееше „Земја“ (Земља) од „Екатарина Велика“, актерот рече:

Ѓуричко во 2021 во Лос Анџелес го основал „Џони миднајт трио“, а во Скопје настапија како квартет (Фото: СМАРТ СДК.МК)

„Овие дечки веќе долго не живеат во нашата земја, не живеам ниту јас од пред неколку години. Ова е песна за оние кои нѐ протераа од нашите земји“, рече актерот, кој пееше и песни од „Шарло акробата“ и Елвис Џ. Куртовиќ. Минатата година, тој двапати ја наполни Филхармонијата со своето стендап шоу и раскажа анегдота за баба му, поврзана со Скопје.

„Таа легенда сакам да ја раскажувам. Мојата баба сакала да стане глумица, но татко ѝ, мојот прадедо, кој бил офицер и добил прекоманда во Скопје, не ѝ дозоволувал да си го следи сонот. Ми раскажуваат дека баба ми била многу разочарана и се фрлила во Вардар. Но, се погодил некој период на суша, па во реката имало повеќе кал отколку вода. Така што, калта ја спасила баба ми“, вели Ѓуричко.

Никола Ѓуричко е еден од најуспешните српски актери од поново време. Освен многуте српски серии и филмови и преку 50 театарски улоги, играше и во филмот на Анџелина Џоли „Во земјата на крвта и медот“ и во хит-серијата „Чудни нешта“. Минатата година излезе американската акциона комедија „Машина“ во која глуми и тој.

М. ЏАРОВСКА