ВЕЛЕШКИ УЧЕНИЦИ ЧЕТИРИ ДЕНА УЧЕА КАКО ДА НАПИШАТ КНИГА ПРЕКУ ПРОЕКТОТ „ЛЕТО ВО БИБЛИОТЕКА“

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Ученици од Велес четири дена учеа да пишуваат книга преку проектот на Градската библиотека „Гоце Делчев“ од Велес, насловен „Лето во библиотека“. Претходно, децата се пријавуваа за учество.

„Целта на овој проект е да се влијае кај децата и целокупната јавност за значењето на книгата, да се мотивираат за читање книги, како и поттикување љубов кон книгата. Првиот ден учениците го осознаваа патот на книгата – од идеја до полица. Вториот ден го работеа правописот на македонскиот јазик, основен елемент за добра книга. Третиот ден беше посветен на оживувањето на книгата преку илустрација. Последниот ден беше посветен на мојата книга“, кажа Снежана Бошевска, директорка на библиотеката.

Фото: СМАРТ СДК.МК

Децата првиот ден имале средба со роднокрајните автори Сања Стојанова и Наташа Брезовска-Богоевска, кои ги запознале со патот на книгата: од идејата на авторот, како ја пишува книгата, поимот издавачка куќа, до местото на книгата на библиотечните полици. По ова, учесниците во улога на автори осмислиле тема за што ќе пишуваат во својата книга. Креирале наслов, корица, издавачка куќа и битни податоци за книгата.

Петрова-Џамбазова им ја објаснила улогата на лекторот пред да се печати една книга и им укажала на најчестите правописни грешки. Преку игра препознавале погрешно напишан збор и ја поправале грешката. Потоа децата започнале со пишувањето на приказната.

Децата имале средба и со илустраторката Евгенија Андреева, која им објаснила колку е важна илустрацијата за една книга.

На последниот ден од проектот, децата ги презентирале своите книги.

П. ПЕЧКОВ