МАКЕДОНИЈО, ЌЕ ТИ СЕ ВРАТАМ ПАК, РЕЧЕ ЛЕНИ КРАВИЦ НА ЕНЕРГИЧНИОТ КОНЦЕРТ ВО ОХРИД

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

По 16 години, Лени Кравиц се врати во Охрид и одржа енергичен концерт со својот бенд на стадионот „Билјанини извори“. На истото место, американската рок ѕвезда свиреше на 3 август 2008 пред 12.000 луѓе, исто во организација на „Авалон“.

Кравиц го почна настапот енергично, со хитот „Are You Gonna Go My Way“ и продолжи да ја шета публиката низ времето. Повеќето во публиката биле тинјеџери во 1991 кога ја објави баладата „It Ain’t Over Til It’s Over“, а денес, 33 години потоа, звучеше поубаво во живо од студиската снимка која стана рок евергрин.

„Добровечер Македонијо по толку долго време, ви благодариме што сме добредојдени. Во следните пет години ќе бидеме на пат и планираме повторно и повторно да се враќаме. Сега сме во вашиот двор и не брзаме никаде, ќе свириме додека сакате“, рече Кравиц на почетокот на концертот.

„Јас сум благодарен и треба сите да сме благодарни за секој нов ден од животот. Не треба да сфаќаме ништо здраво за готово, треба да сме благодарни за секое ново утро, за секое ново искуство, за можноста да пренесуваме искуства и да шириме љубов“, додаде музичарот, а дел од неговите песни се токму со таа порака.

Убав свет и вистински фанови на Кравиц од цела Европа беа дојдени на концертот кој понуди одличен звук и добра музика. Не случајно, тој 35 години е голема светска ѕвезда. Кравиц има одлична конекција со публиката, знае кога да ja покани да пеe со него, разговара со фановите од првите редови, ги забележува најмладите во публиката и ги поздравува. Својот бенд, кој го претстави со гордост, го нарече негово семејство.

Очекувано, на крај го испеа најголемиот хит „Fly Away“. Откако публиката го врати на бис, го слушнавме актуелниот светски хит „Human“, кој излезе годинава.

„Инспирацијата за оваа песна е животот кој сите го живееме, искуствата што сите ги доживуваме. Оваа песна е за тоа патување“, кажа музичарот за песната.

Концертот во Охрид беше дел од неговата eвропска турнеја насловена „Blue Electric Light”, која е и промоција на новиот истоимен албум. Последeн пат во Македонија тој одржа концерт во Скопје во 2019.

М. ЏАРОВСКА                                                Фото: А.СИТНОВСКИ