ДАЈТЕ И НИЕ ДА СЕ ЧУВСТВУВАМЕ КАКО ТУРБОФОЛК ЅВЕЗДИТЕ КОИ ЛЕТОВО ПЕЕЈА ВО ОХРИД, РЕЧЕ ФРОНТМЕНОТ НА „СУПЕРХИКС“ ПЕЦЕ МЛАДЕНОВСКИ

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Весел и динамичен концерт одржа „Суперхикс“ во Охрид, за крај на Охридскиот фестивал на вода, на отворено, спорти езерскиот кеј.

Бендот кој годинава прослави 30 години имаше серија настапи низ Македонија за јубилејот, а славеничкиот скопски концерт се одржа во јуни во населбата Кисела вода.

На почетокот, публиката од подалеку го следеше настапот на „Суперхикс“, за подоцна да се опушти и да се доближи до сцената.

„Ние не сме навикнати на ваков академски почеток. Во Охрид летово настапија многу турбофолк ѕвезди. Дајте бар вечерва да се почувствуваме како нив“, се пошегува фронменот на бендот Петар Младеновски- Пеце, а атмосферата беше поопуштена по втората песна, па публиката го поддржа и играше за време на целиот концерт.

„Супехикс“ имаат настапувано низ цела Европа, мајстори се за добра забава 30 години, а тоа го покажаа и на охридскиот концерт. Покрај старите хитови како „Африка“, „Знам дека љуби“, „Ми треба некој“, ги слушавме и новите песни од актуелниот албум, „Сила и нервоза“, кои веќе стануваат актуелни.

М. ЏАРОВСКА