СТУДЕНТИТЕ НА ИНСТИТУТОТ ФАМЕС ЌЕ ЈА ИЗВЕДАТ МУЗИКАТА ОД ФИЛМОТ „УЦЕНА“ НА ХИЧКОК ВО КИНО МИЛЕНИУМ

Скопје, (СМАРТ. СДК.МК)

На 16 септември во скопското кино Милениум, во 20 часот, познатата 74-минутна музичка композиција на Нил Бранд за немиот филм на Алфред Хичкок „Уцена“ (1929), ќе биде премиерно изведена во живо од студентите од Институтот ФАМЕС. Концертот е дел од Фестивалот на нем и класичен филм на Кинотека на Македонија, во соработка со Кино Балкан

Ќе диригира Мириан Хухунаишвили, ко-основач и музички директор на Младинскиот оркестар од Тбилиси, кој има диригирано водечки интернационални оркестри, вклучувајќи го и Кралскиот оркестар Концертгебау и Филхармонијата од Осло.

Оваа изведба ќе биде финале на еднонеделниот оркестарски курс со наслов „Филмска музика“ во рамки на програмата на Институтот ФАМЕС, поддржана од Креативна Европа.

„’Уцена’ еден од раните неми филмови на Хичкок, ја следи приказната на жена која е вовлечена во заговор за уцена откако ќе убие човек во самоодбрана. Филмот означи пресвртница во кариерата на Хичкок и е признат како брилијантна истрага за криминалот, вината и човечката психологија. Саундтракот ја зголемува емоционалната тензија и напнатост на филмот, додавајќи нови слоеви на комплексност на приказната“, велат од Кинотеката.