12. ИЗДАНИЕ НА ФЕСТИВАЛОТ ПРО-ЗА БАЛКАН ПОЧНУВА СО КНИЖЕВНА ВЕЧЕР СО ДЕЖУЛОВИЌ, КАРАБАШ И ГЕОРГИЕВСКИ

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Интернационалниот литературен фестивал ПРО-ЗА Балкан по 12. пат почнува вечерва (15 септември) во 20 часот во Даут пашин амам во Скопје. Врвни автори од регионот како Борис Дежуловиќ од Хрватска, па лауреатот на наградата „Прозарт“ за 2024, Владимир Пиштало од Србија, Рене Карабаш од Бугарија, како и домашни автори се гости на фестивалот, што ќе трае до 17 септември.

На првата фестивалска вечер, Дежуловиќ ќе биде во друштво со Карабаш и домашниот автор Ѕвездан Георгиевски. Со нив ќе разговараат Александар Прокопиев и Ермис Лафазановски.

На вториот фестивалски ден, на 16 септември во 13:30 часот во Бугарскиот културно-информативен центар ќе се одржи традиционалната средба на членовите на програмата „Скопје фелоушип“ со претставници на Македонската асоцијација на издавачи.

Вечерта во 20 часот во Европска куќа Скопје ќе се одржи тркалезна маса на тема „Литературата како форма на отпор“, на која ќе учествуваат гостите писатели, а ќе ја модерира Владимир Јанковски. Претходно, во Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ ќе се одржи средба на деца со словенечката писателка на книги за деца и адолесценти, Мајда Корен. Писателката ќе одржи средба со деца и во ООУ „Вера Циривири Трена“ во Скопје следниот ден.

На 17 септември посебна книжевна средба со Ван Хоф и Бернар е закажана во 17 часот во Француски институт во Скопје.

Наградата „Прозарт“, што фестивалот по 12. пат ја доделува на истакнат автор за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, ќе му биде врачена на српскиот писател Владимир Пиштало на затворањето на фестивалот на 17 септември.

На 18 септември во Кинотека од 20 часот, во рамките на офф-програмата, ќе биде прикажан филмот „Караула“ во режија на Рајко Грлиќ, со присуство на продуцентот, Мајк Дауни со кој ќе следува разговор пред проекцијата. Организатор на фестивалот ПРО-ЗА Балкан е издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје.