„МЕМОРИЈА“ ЈА СНИМИ ПЕСНАТА „МОЈ НАРОДЕ“ ПРЕД КОНЦЕРТОТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Пред концертот на 16 ноември во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, „Меморија“ сними нова песна насловена „Мој народе“.

Музиката и текстот се на Ристо Самарџиев, а песната е снимена во студиото „Тра ла ла“ на Мите Димовски, кој заедно со Давор Јордановски се продуценти на песната. Извршен продуцент е Петар Георгиевски-Камиказа.

За концертот во ноември од „Меморија“ велат дека повторно ќе бидат отсвирени најголемите хитови, но и промовирани новите песни.

Ова е трет сингл на „Меморија“ во изминативе неколку месеци. Во јули ја промовираа рок баладата „За тебе“, посветена на сопругата на пејачот Апостол Икономов-Поце, која почина во мај, а пред тоа снимија преработки на патриотски песни со наслов „Македонски бисери“. За новата песна, од бендот велат дека е посветена на Македонија.