ТРЕБА ДА ПРЕКИНЕ ВАНДАЛИЗМОТ СО ГРАФИТИ ВРЗ КУЛТУРНИТЕ ОБЈЕКТИ, ВЕЛАТ УМЕТНИЦИТЕ ПЕТАР И СИМОНА МИЉКОВИЌ ПРЕД ИЗЛОЖБАТА ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Академската графичарка Симона Новаковиќ-Миљковиќ и академскиот сликар Петар Миљковиќ ќе одржат заедничка изложба во Младински културен центар (МКЦ) во Скопје, која се отвора вечерва (1 октомври) од 20 часот. Изложбата е насловена „ул. Чудни карактери бр. 6″, а уметниците за неа велат дека имаат за цел да одговорат на провокацијата како може надворешната уметност да се стави на платно во галерија.

„Овој проект може да биде ефикасна стратегија за спречување на уличните графити, бидејќи самиот тој, за разлика од вандализмот со графити, е легално уметничко дело, каде што дозвола за обележување на површината е дадена од сопственикот. Нашето гледање на ова е прекин на вандализмот врз националните културни објекти и сите останати урбани места. Урбаната уметност е позната под многу имиња, како улична уметност или мурална уметност. Едно е кога станува збор за мурална уметност за разубавување на градот, но кога имаме ‘улична уметност’ како шкртање по градот, таа не мора да биде изведена на улица, туку може и во галериски простор на платно. На некој начин, делата од улицата да се ставени во музеј“, велат уметниците.

Со изложбата, тие сакаат да се промовира потенцијалот на младите уметници и да ги поттикнат младите на активно учество во културниот живот.

Изложбата е со наслов „ул. Чудни карактери бр. 6″ (Фото: Приватна архива)

По завршувањето на студиите, уметниците заедно го отворија нивното студио за тетовирање „Eternity Tattoo Studio“, кое активно работи седум години.

„Тоа што имаме дипломирано на Факултетот за ликовни уметности е многу голема предност во нашиот бизнис, поради тоа што нашите клиенти не нѐ гледаат само како тату артисти, туку и како уметници и полесно можеме да се договараме за дизајните на тетоважи. А, и самите тие си ги гледаат тетоважите како уметничко дело на нивната кожа“, велат Симона и Петар Миљковиќ.

Петар Миљковиќ е внук на Петар Миљковиќ-Пепек, врвниот византолог, историчар на уметноста и професор кој ги истражувал фреските во најзначајните македонски цркви. Негов прадедо е познатиот историчар на уметноста и ликовен критичар Димче Коцо.

„Кога имав 5-6 години, се сеќавам дека му бев како мал асистент на дедо ми додека работеше на икони и цртежи. Постојано ми даваше и јас да насликам нешто. Moжам да кажам дека инспирација имам добиено и од делата на мојот прадедо Димче Коцо“, вели Миљковиќ.

Петар Миљковиќ (32) во 2016 дипломирал сликарство на Факултетот за ликовни уметности. Досега има одржано бројни самостојни и групни изложби. Симона Новаковиќ-Миљковиќ (29) дипломирала на Факултетот за ликовни уметности на студиската програма графика со графички дизајн. Таа има бројни изложби зад себе, најмногу во дигиталната уметност.

М. ЏАРОВСКА